Македонија ЃП, Шкупи и Шкендија ја почнуваат европската авантура

Македонските претставници во Конференциската лига денеска ќе стартуваат во првото коло од најмладото фудбалско натпреварување на стариот континент.

Македонија ЃП од 17.30 часот на „Петар Милошевски“ ќе игра со летонска Рига.

Шефот на стручниот штаб на „лавовите“, Горан Симов вели дека екипата е комплетно подготвена за европскиот предизвик, но ќе мора да се даде максимум ако се сака позитивен резултат.

„Сакам најпрво да им посакам среќа на сите македонски претставници во Европа, за што поуспешни резултати ова лето“ – истакна на почетокот Симов, веднаш дополнувајќи:

„Добро го анализиравме нашиот противник и свесни сме за неговите квалитети. Имаат и добри, но и лоши страни кои ќе се обидеме да ги искористиме за поволен резултат. Нивната дисциплина на игра е навистина на високо ниво, а индивидуално исто така се добри. Свесни сме дека немаат пораз, мора да бидеме мудри, силни… Против нас ќе го имаме и топлото време, но факт е дека нив ќе им биде уште потешко“, вели Симов. 

Шкендија исто така на домашен терен, на националната арена „Тодор Проески“ од 20 часот ќе игра против Хавердфордвест. Тренерот Ардијан Нухиу е задоволен од она што го затекнал по доаѓањето во Шкендија, од екипата кои се тука од минатото, но и од новите игрфачи.

„Јас веќе 40 дена сум во Шкендија, задоволен сум од она што го затекнав, има играчи со голем потенцијал. Староседелците во тимот направија се да им помогнат и да бидат прифатени и новите играчи како треба. Треба време за новите играчи, но ценам дека за овој период колку што тренираме заедно ќе е доволно утре да се покажеме во добро издание за добар резултат. Околу тактиката, ќе одлучиме по денешниот последен тренинг“, рече Нухиу.

Шкупи е единствениот македонски претставник кој ќе гостува во првите мечеви. Литвански Хегелман е ривалот на чаирчани.

Проблемите со добивањето виза на Валид Хамиди му направија проблеми на тренерот Џихат Арслан, но во секој случај секој фудбалер кој ќе биде на теренот максимално посветено ќе ги извршува обврските.

„Пред се, морам да кажам дека ни претстои тежок натпревар, пред нас е новоформиран тим кој стигна до европските натпреварувања, тим кој сака да биде успешен во Европа. Ние сме тим со важна група играчи, сакаме да извлечеме добар резултат на теренот, на најдобар можен начин. Инаку, имавме проблем, Валид Хамиди не можеше да дојде со нас бидејќи неопходните институции не му дадоа виза. Мислам дека политиката треба да се држи настрана од спортот. Валид не е со нас овде, жал ни е поради тоа. Но, играчите кои ќе ги избереме ќе го покријат местото на Валид, додека ние ќе излеземе на терен за победа“, изјави Арслан.

Се вчитува...