Вили Хернангомез е првото мегазасилување на Барселона за наредната сезона откако каталонскиот гигант денеска и официјално потпиша договор со доскорешниот член на Њу Орлеанс пеликанс. Шпанскиот репрезентативен центар не ја криеше желбата да се врати во Европа, па уште пред десетина дена доби богата понуда од Барселона. Согласно договорот од неговото заминување од Реал во НБА, „кралевите“ имаа можност да ја израмнат понудата на Барса за да го доведат во своите редови.
Откако мина рокот во кој Реал не го стори тоа, Барселона имаше зелено светло за комплетирање на трансферот што официјално беше потврден денеска. Хернангомез има 29 години и е висок 211 сантиметри, а за квалитетите на овој кошаркар најдобра потврда е фактто дека тој беше избран за МВП на последниот европски шампионат на кој Шпанија стигна до титулата.
Тој ќе биде прва опција на центарската позиција откако Шанли си замина од клубот и потпиша за Фенербахче, а се уште е неизвесна иднината на Јан Весели во Барселона.
Каталонците исто така се во интензивни преговори за ангажман на братот на Вили, Хуанчо Хернангомез, кој исто така сака да ја заврши својата авантура во НБА и да се врати назад во Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА