Македонија ЃП доживеа минимален пораз од 0-1 од летонската РФС Рига во првиот натпревар од 1. квалификациско коло во УЕФА Конференциската лига. На дуелот во Скопје „лавовите“ одиграа лошо прво полувреме кое ги чинеше пораз и покрај тоа што со иницијативата во вториот дел заслужија барем реми.
Летонците во првото полувреме беа подобар тим на теренот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје наметнувајќи поотворена иницијатива низ првиот половина час игра, што резултираше со погодок во 34. минута кога српскиот интернационалец Андреј Илиќ од непосредна близина стрелаше за 0-1.
Дури откако гостите поведоа, македонските „лавови“ се разбудија на пеколното време во Скопје па почнаа активно да играат во половината на Летонците иако без некои поизразени шанси за погодок, за на полувреме да заминат со негатива од еден гол.
Во второто полувреме далеку подобра игра на Македонија ЃП. Избраниците на Горан Симов сега максимално ја контролираа играта, далеку поофанзивно што резултираше со убави шанси на Самаке и Фазли кои остана неискористени. На крај не успеаја да постигнат погодок за израмнување, иако „лавовите“ заслужија реми од овој натпревар.
„Лавовите“ ќе имаат сериозен предизвик сега на гостувањето во Рига за седум дена да ја анулираат негативата и да се обидат да дојдат до втората квалификациска рунда во УЕФА Конференциската лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА