Василев: Бугарите не го видоа кошот од нас, но против Велика Британија ќе биде уште потешко

Младинската репрезентација на Македонија денеска ќе го игра четвртфиналниот меч од Европското Првенство – Б дивизија што се одржува во Скопје (18.30 часот, СРЦ Кале), во обид да направи уште еден од преостанатите два чекори за остварување на големата цел – влез во елитното друштво. Селекторот Никола Василев има причина да биде задоволен од играта, но и од карактерот на своите избраници, кои по изненадувачкиот почетен пораз од Чешка собраа сили за со три сигурни победи да го освојат првото место во групата.

„Одигравме четири сосема различни натпревари и најважно од се е што сме први во групата. Не беше лесно по оној пораз од Чешка во која повеќе од 30 минути бевме во сигурно водство, но разговаравме со кошаркарите, објаснивме дека и таквите порази се составен дел од спортот и најдовме уште поголема мотивација за предизвиците што следат. Најдобро го одигравме оној дуел со Бугарија кој беше „ да се биде или не за нашиот пласман во четвртфиналето“. Играчите целосно го исполнија она што им го дадовме за задача, можам да кажам дека Бугарите не го видоа кошот од нас и нормално дека како селектор сум презадоволен од еден таков исход. Тоа е начинот на кој треба да играме и во претстојната нокаут фаза“, изјави селекторот Василев за ЕКИПА.

Македонија бодрена од навивачите на трибините ќе ја има фаворитската улога на дуелот со Велика Британија, но Василев ги предупредува своите избраници дека задачата нема да биде нималку лесна.

„Против Велика Британија ќе ни биде уште потешко отколку на претходните средби, ова е нокаут фаза во која нема право на поправен, мора да се одигра максимално 40 минути. Против себе ќе имаме една атлетска селекција која игра брза и цврста кошарка. На прв поглед тоа не ни одговара премногу, но ќе бидеме максимално подготвени за овој дуел и ќе сториме се за да се пласираме во полуфиналето, по што ќе ни треба само уште еден триумф за влез во А дивизијата“, истакнува Василев.

Се вчитува...