Кошаркарската репрезентација на Македонија до 20 години е на само еден натпревар од пласман во А-дивизија, откако денеска на Европското првенство Б-дивизија кое се игра во Скопје во четвртфиналето славеа против Велика Британија со 66-49.
Натпреварот започна во тврда игра на двете страни во која на ниво беа одбраните, а секој поен значеше многу. Како одминуваше првата четвртина нашите кошаркари почнаа да погодуваат па по десет минути игра „црвено-жолтите“ имаа предност од 17-11.
Како и во првиот период така и во втората четвртина главна карактеристика на избраниците на Василев беше силната одбрана, па на пауза меѓу двете полувремиња нашите кошаркари заминаа со двоцифрена предност (32-21).
За разлика од првото полувреме, Британците далеку поквалитетно го стартуваа вториот дел па во 36. минута по подолго време успеаја да дојдат на само пет негатива (40-35). По тајм-аутот на селекторот Василев, нашите момци повторно заиграа подобро па по 30 минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 45-36. До крајот Македонија успеа да ја задржи предноста и на крајот да стигне до конечен триумф од 66-49.
Андреј Митревски со 17 поени беше прво име во нашиот табор, додека Теодор Симиќ заврши со 13 поени и 11 скока.
Противникот во полуфиналето ќе биде познат по мечот меѓу Украина и Холандија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА