Настапите на ЕП во Солун и на СП во Волос, како што потенцираат од ЕФМ се овозможени со максимални напори од федерацијата ако се знае дека едрењето е една од најскапите спортски дицсиплини која е дел и од Олимписките игри веќе долги години токму и поради својата атрактивност.
Од Едриличарската федерација на Македонија, сепак, потенцираат дека, за жал, не се наидува на слух од домашните компании за поддршка на едрењето. За настапите на едриличарите најголемата поддршка доаѓа од Агенцијата за млади и спорт, а за настапот на македонските репрезентативци во класата Оптимист од реномираните компании единствено се наиде на помош за комплетирање на опремата од страна на Шпаркасе банка АД Скопје.

Надежите на ЕФМ се дека во иднина што повеќе домашни компании и стопански субјекти ќе го разберат значењето на едрењето, потребата за негова масовност, меѓу другото, и како единствен спас за Охридското езеро.
„Многу добро знаеме сите ние колку напори беа потребни за да се обезбедат комплетните финансиски средства за учество на едни вака силни шампионати во едрењето кое е и тоа како скапа спортска дисциплина. Но, на овие млади деца им е неопходна долготрајна помош. Би сакал да апелирам до пошироката јавност, до сите граѓани и компании кои го сакаат езерото, го почитуваат, сакаат да се заштити езерото да помогнат со финансиски средства бидејќи едрењето покрај спорт е и еколошка дисциплина, нема загадување на езерото. Иднината и на развојот на спортот и на туризмот го гледаме во развојот на едрењето“ – вели претседателот на Едриличарската федерација на Македонија, Будимир Соколовиќ.
Очекувањата се и дека државата поактивно ќе се вклучи во изградба на соодветна инфраструктура на Охридското езеро затоа што тоа е исклучително важно и на езерото но ќе се овозможи и далеку поголема можност за развојот на едрењето…
„Состојбата на Охридското езеро воопшто не е подобрена зошто апсолутно ништо не е направено од аспект на инфраструктура за развој на едрењето. Сите докови и пристаништа на Охридско езеро се руинирани. Апелирам до надлежните максимално да вложат напори сите тие да се реконстуираат, да се поправат, да се изработат нови од еколошки материјали и на тој начин да овозможиме поголема масовност за една од најатрактивните олимписки дисциплини која и тоа како силно се цени секаде во светот“ – дополнува Соколовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

