Фабињо е најновото име од европскиот клупски фудбал што ќе се пресели во Саудиска Арабија откако Ал Итихад влезе во завршна фаза од преговорите со Ливерпул за трансферот на овој фудбалер.
Бразилецот веќе ги имаше договорено личните услови, Ал Итихад испрати понуда од 40 милиони фунти што се уште не е прифатена, но двете страни се многу блиску до конечен договор. Британските медиуми тврдат дека трансферот ќе биде комплетиран во текот на викендот, а одлуката на Ливерпул е веќе донесена – бразилскиот играч за врска ќе си замине од „Енфилд“ откако освои се што можеше да се освои во дресот на англискиот гигант.
Ливерпул тргнува во тренинг-камп во Германија, а одлуката Фабињо воопшто да не патува со остатокот од екипата е јасен знак дека трансферот е пред реализација и дека бразилскиот репрезентативец наскоро ќе замине на потпис во Саудиска Арабија.
За разлика од него, капитенот Џордан Хендерсон ќе патува со тимот во Германија откако преговорите со Ал Етифак не го дадоа посакуваниот резултат. Ливерпул инсистира на отштета од 20 милиони фунти за англискиот репрезентативец, понудата од Саудиска Арабија не е ни приближно до оваа сума па доколку ситуацијата наскоро не се промени, Хендерсон ќе остане на „Енфилд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

