Ливерпул го „мерка“ Кимих за наследник на Фабињо

Ливерпул сериозно ја разгледува опцијата за ангажман на Џошуа Кимих од Баерн Минхен, како замена за најавеното заминување на Фабињо од „Енфилд“. Бразилскиот интернационалец се наоѓа пред трансфер во Саудиска Арабија, Ливерпул очекува да заработи околу 45 милиони фунти од неговата продажба, пари што „црвените“ веднаш ќе ги инвестираат во соодветна замена на позицијата последен играч за врска.

Челниците на Баерн во јавноста тврдат дека Кимих не е за продажба, но компликуваните преговори со Тотенхем за Хари Кејн би можеле да ја променат клупската стратегија. Имено, баварскиот гигант нема неограничен буџет за трансфери, а во ситуација кога Тотенхем бара над 100 милиони евра за Кејн, Баерн ќе мора најпрвин да продава за да обезбеди пари за да го доведе англискиот голгетер на „Алијанц Арена“.

Кимих беше клучен играч кај Нагелсман, но влијанието во тимот значително му се намали кога Тухел дојде на клупата на Баерн. Згора на тоа, баварците летово го доведоа Лајмер од Лајпциг кој одлично се снаоѓа како последен играч за врска и сигурно ќе биде сериозна конкуренција за Кимих.

Ливерпул будно ја следи ситуацијата и се очекува да испрати и официјална понуда до Баерн веднаш по продажбата на Фабињо. Претходно за услугите на овој фудбалер се интересираше и Барселона, но Баерн и Барса не се во најдобри односи за разлика од Ливерпул, кој беспрекорно соработуваше со баварскиот гигант при трансферите на Тијаго Алкантара на „Енфилд“ и потоа на Садио Мане на „Алијанц Арена“.

Се вчитува...