Шкупи само ќе одработи, Шкендија ќе гледа да сочува, Македонија ЃП пред голем предизвик

Македонските претставници во Конференциската лига денеска ќе ги одиграат реванш натпреварите од првото квалификациско коло.

Во најдобра ситуација е Шкупи кој по првиот меч против литвански Хегелман одигран на гостински терен има предност од огромни 0-5. Сепак и покрај убедливиот триумф од таборот на Шкупи велат дека нема простор за опуштање.

„Го добивме тој прв меч со 5-0, потоа следеше долго патување, малку бевме изморени, па последните денови ги искористивме за рехабилитација. Сепак, подготвени сме за реваншот, без разлика на исходот од тој прв меч ние мораме да бдеме максимално сериозни во пристапот. Забележав мало опуштање кај фудбалерите, па вчера одржав состанок за да им ставам до знаење што очекувам од нив“, изјави тренерот Арслан. 

Шкендија иако е голем фаворит против велшкиот Хаверфордвест по првиот меч одигран во Скопје има предност од само 1-0. Тетовци на денешното гостување треба да ги разрешат дилемите околу патникот во второто коло.

Во најлоша положба е освојувачот на купот Македонија Ѓорче Петров која по првиот меч одигран во Скопје против летонскиот РФС има негатива од 0-1. И покрај поразот „лавовите“ велат дека се уште не се откажуваат и ќе дадат се за пласман понатаму.

„Оптимисти сме, времето ќе биде поинакво од Скопје, и се надеваме сите на добар резултат, сите играчи се подготвени да одговорат на предизвикот и здраствениот билтен е како што треба“, изјави тренерот Симов.

Се вчитува...