Новите прволигаши Вардар и Воска спорт би можеле повторно да не ја почувствуваат Првата лига, доколку до среда не ја комплетираат неопходната документација и go завршат целокупниот процес за добивање на неопходната лиценца за настап во елитното друштво, согласно нормативите кои ги наложува УЕФА.
Како што неофицијално дознаваме, ФФМ повторно го продолжи рокот за двете екипи за докомплетирање на процесот на лиценцирање до среда, 26. јули, кој и претходно неколкукратно беше постојано продолжуван. Но, тоа ќе биде последниот можен рок, затоа што и онака се надминати сите граници ако се знае дека процесот на лиценцирање стартуваше уште во месец мај од кога екипите имаа можност да ја комплетираат документацијата.
„Доколку не ја комплетираат неопходната документација за добивање лиценца, а долго се водени разговори и со двете екипи што се треба да направат, тогаш ФФМ ќе нема друг избор освен да не издаде лиценца за настап во Првата лига затоа што тие се правилата на УЕФА“ – се неофицијалните пораки од ФФМ.
Проблемот е далеку поголем за Вардар ако се знае дека комплетните ревизорски извештаи за добивање лиценца треба да бидат изготвени од претходниот сопственик Слободан Крстевски, кој сега е далеку од управување со клубот.
Од ФФМ се во очекување на 26. јули до кога се очекува двете екипи да ја достават неопходната документација, по што ќе биде закажан денот на ждрепката за распоредот за сезоната 2023/24 во Првата македонска фудбалска лига. Сите останати прволигаши добија лиценци за настап во Првата лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА