Петровски: Имам голема одговорност затоа што наследувам одлична екипа, целите остануваат исти

Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер 2 денеска во салата „Боро Чурлевски“ во Битола ги започна подготовките за новата сезона. „Зелено-белите“ во неа влегуваат под водство на новиот тренер Михаил Петровски кој досега работеше со младинските категории.

Тренерот кој ќе дебитира во сениорскиот ракомет вели дека шансата ја гледа со сатисфакција и е желен за докажување, но и чувствува голема одговорност бидејќи наследува млада талентирана екипа.

„Имам голема одговорност затоа што наследувам одлична екипа. За мене ова ќе биде сатисфакција и шанса за докажување. Можеби ќе ја предводам најмладата екипа во шампионатот, која има просек 19 години. Сакам да напоменам дека од 23 ракометари кои што се во ростерот, дури 16 се битолчани. Наидов на млада екипа која што сака да се докажува, која што сака да тренира, да работа и е желна за победи. Целите се исти и оваа сезона – тоа е пласман вo плеј-офот“, изјави Петровски.

Се вчитува...