Сензација и рекорд на тинејџерка на Мундијалот

Петтиот ден на Светското првенство за жени почна со рекорд а продолжи со сензација.

Корејката Кејси Фер стана најмлад учесник на едно Светско првенство, вклучувајќи ги тука и Мундијалите во машка конкуренција. Фер со 16 години и 26 дена влезе како резерва во 77. минута во поразот на својот тим од Колумбија од 2-0.

Таа е за само осум дена помлада од досегашната рекордерка, Нигеријката Ифеани Чиџине од СП 1999.

Рекордот во машка конкуренција е на напаѓачот на Северна Ирска, Норман Вајтсајт кој против Југославија во 1982 година играше со 17 години и 40 дена старост.

Во вториот меч на денот на Мундијалот, пак имаше сензационален резултат на стартот од второто коло во Групата А. Дебитантот на светските првенства, селекцијата на Филипини го шокираше еден од домаќините, екипата на Нов Зеланд победувајќи со 1-0. Историската победа за Филипини ја донесе Сарина Болден во 24. минута од дуелот.

Се вчитува...