По елиминацијата од литвански Жалгирис во ЛШ, стружани веруваат дека сега може да се елиминира Будуќност и да се продолжи европскиот пат ова лето.
„Одигравме два добри меча против Жалгирис, но за жал загубивме и испаднавме. Како и да е, сето тоа е минато, сега се концентрираме на следниот предизвик. Добро се подготвивме, го анализиравме противникот и сега секој од нас, без разлика дали ќе биде стартер или резерва, ќе мора да даде 200 отсто од себе за да одиме во следното коло. Имаме одлична ждрепка, која ни нуди шанса да одиме во плејофот и се надевам дека ќе го оствариме тоа“ – вели поранешниот македонски репрезентативец Марјан Радески.
И Црногорците доаѓаат во Македонија со желба за позитивен резултат, но факт е дека имаат сериозни проблеми во тимот кои Струга ТЛ ќе се обиде да ги искористи.
„Будуќност е добар тим со голема традиција, но се ќе зависи само од нас. Ние сме тие кои мора да бидеме на висина на задачата, ако сакаме да одиме понатаму. Тие имаа проблеми од тоа што видовме низ медиумите, но без оглед на тоа ова се мечеви кои се многу важни и имаат огромна тежина, така да и тие ќе сакаат да ја минат оваа рунда. Спремни сме и веруваме во нашите сили дека ќе дојдеме до трето коло“ – дополнува Радески.
Натпреварот меѓу Струга ТЛ и Будуќност се игра денеска од 17 часот на СЦ „Билјанини Извори“ во Охрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА