По пауза од цела една година, предизвикана од една посериозна повреда на раката, Љубомир Младеновски е повторно дел од македонската репрезентација.
Неговиот „камбек“ доаѓа во вистинско време, особено ако се знае дека стручнито тим кубури со недостаток на високи играчи, особено по отказот кој дојде од ко-капитенот Бојан Крстевски, кој ќе го „прескокне“ овој репрезентативен собир поврзан со настап на претквалификацискиот олимписки турнир во Талин.
„Најпрво сакам да им се заблагодарам на луѓето од федерацијата, и на стручниот штаб кој ме повика на репрезентативен собир по пауза од една година условена поради тоа што имав тешка повреда на рачниот зглоб“ – вели Младеновски по првите одработени тренинзи.
Извесно е дека летово ќе имаме и ѓаволски тешка задача. Да бидеме на едно од првите две места на турнирот во Талин во кој освен Македонија, и домаќинот Естонија, ќе учествуваат силните репрезентации на Чешка односно на Израел.
„Што се однесува до квалитетот на натпреварувањето, со самите имиња кои што се на турнирот и против кои ќе се натпреваруваме, само по себе говори за тоа колку силен ќе биде тој турнир. На нас ни останува ништо друго освен да го дадеме својот максимум. Да видиме прво во кој состав ќе отидеме таму. Во однос на она мое последно учество во националниот тим, евидентно е дека е доста променет. И дека со овој квалитет со кој располагаме мислам дека можеме рамноправно да се бориме, и да се надеваме дека би поминале во следната фаза“.
Младеновски смета дека многу работи, барем во овој момент, се непознати, најмногу се разбира изгледот на натпреварувачките ростери на селекциите кои ќе бидат во главниот град на Естонија, а и понатаму, во втората фаза која ќе се игра во полскиот град, Гљивице.
„Секако, зависи и од тоа и тие во кој состав ќе дојдат во Талин. Сепак, тоа е малку незгоден термин, летен период. Играчите одат во клубовите, почнуваат подготовките за новата сезона. И се зависи од тоа во каков состав ќе се појават. Ако дојдат комплетни, веројатно би ни било доста потешко. Од причина што се поквалитетни од нас… Но ние никогаш не би се откажале. Секогаш ќе се бориме. Резултатот е 0-0 на почетокот. И ништо не се знае. Топката е тркалезна, и може се да се случи“.
Каде можеме да ја бараме шансата за победи на претквалификациите?
„Претпоставувам дека од овие селекции кои ќе бидат таму, Естонија е некоја со најслаб квалитет. И веројатно е дека таму треба да гледаме некоја наша шанса за победа. И сега, зошто да не, да изненадиме некоја од селекциите на Чешка или Израел. Повторно ќе кажам, во зависност од тоа во кој ростер тие репрезентации ќе дојдат. Секако дека е голем предизвик, секој играч мечтае да игра против играчи од таков калибар и да се покаже во најдобро светло“– смета повратникот во нашата најсилна селекција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА