Фудбалерите на Струга ТЛ имаат предност од 1-0 по првото полувреме од натпреварот со Будуќност во Конференциската лига на УЕФА, апсолутно заслужено водство ако се земе во предвид целосната доминација на македонскиот шампион во првите 45 минути од овој натпревар.
Уште од самиот почеток стана јасно дека стружани ќе го диктираат темпото, откако македонскиот првак целосно ја презеде контролата над средината од теренот. Ибраими ја имаше првата шанса откако одлично го исфинтира својот директен чувар, но друг дефанзивец на Будуќност стигна да го изблокира неговиот удар и да спречи рана радост. По десетина минути игра се закани и Радески, но неговиот шут од работ на шеснаесетникот беше одбранет од црногорскиот голман.
Стружани продолжија да доминираат, Ибраими го погоди и дирекот од голот на гостите, а Будуќност имаше многу среќа да остане со 11 играчи во поле по стартот на Гашевиќ над Радески на самиот раб од шеснаесетникот. Доминацијата на македонскиот тим конечно вроди со плод во 30. минута, гостите ја загубија топката на дваесетина метри од својот гол, Радески ја освои и одлично го проигра Бесарт Ибраими, кој од десетина метри откосо го матираше голманот на Будуќност.
Доминацијата на стружни продолжи и по водечкиот погодок, а Ибраими имаше уште две убави шанси, во првата премногу солираше и не успеа да го загрози противничкиот гол, а во втората по двојното додавање со Радески неговиот шут беше изблокиран.
Струга ТЛ игра одлично на овој натпревар и вистинска штета ќе е ако не успее да стигне и до поубедлива победа над овој противник во пресрет на реваншот во Подгорица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА