Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром, кој во сред лето е во зимски сон, откако се уште нема доведено ниту еден играч за новата сезона, одлучи да се обрати до јавноста со вест која веќе долго време е позната.
Од клубот потврдија дека и следната сезоан клубот ќе го води Васко Атанасов, а околу нови засилувања се уште нема никакви информации.
„Чест ни е да го потврдиме тоа што многумина веќе го знаеја или го претпоставуваа, а тоа е дека Васко Атанасов и во следната сезона ќе биде прв тренер на МЗТ Скопје.
Станува збор за 29-годишен перспективен стратег, кон не е само светла иднина на нашиот клуб туку и на македонската кошарка во целост. Тој одамна е дел од аеродромската светост, прво како дел од младинската школа, а потоа и како помошник во стручниот штаб. По заминувањето на Драган Николиќ пред крајот на минатото првенство, Атанасов го прифати предизвикот и лидерската палка и успешно го доведе нашиот тим до посакуваната шампионска титула – десетта во клупската историја. Зад нашиот предводник од клупата е искуство од предводење неколку екипи како прв тренер и тоа БАС Академи, Струмица и молдавскиот прволигаш Адмиралс.
Истовремено, може да објавиме дека дел од стручниот штаб на МЗТ Скопје од следната сезона ќе биде и повратникот во нашиот тим, Никола Велев, кој се враќа во сино-белиот табор по двегодишниот престој во ТФТ“, стои во соопштението на МЗТ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА