Ферстапен е од друга планета – осма победа во низа за „лудиот Макс“ во Формула 1

Макс Ферстапен ја продолжи својата импресивна сезона во Ф1 шампионатот стигнувајќи до нова победа на белгиското гран-при на патеката Спа, вкупно десетта на дванаесетте досегашни трки од „летечкиот циркус“. Уште поимпресивно делува податокот дека Ферстапен е само втор возач во историјата кој успеал да триумфира на осум трки во низа во Формула 1, па сега му недостига само една за да го израмни апсолутниот рекорд на Себастијан Фетел од 2013 година.

Воопшто не му пречеше фактот што денешната трка ја стартуваше од шестата позиција, и тоа поради казната од пет места иако имаше најдобро време во квалификациите. Асот на Ред Бул на самиот старт стигна до четвртото место, уште во вториот круг го мина Хамилтон за третата позиција, а само неколку минути подоцна излезе на чело на колоната.

Потоа веќе немаше никакви дилеми, сметките не му ги замрси ниту дождот што почна да паѓа на патеката, Ферстапен ја задржа и дополнително ја зголеми предноста во однос на ривалите и без многу мака ја забележа и осмата победа во серија.

Второто место му припадна на неговиот тимски колега Серхио Перез, додека третопласиран беше Леклер во болид на Ферари, кој ја стартуваше трката од пол-позицијата. Луис Хамилтон на крајот го освои четвртото место, пред Алонсо, Расел, Норис, Окон…

По денешната трка ќе следи пауза од нецел месец во Формула 1 шампионатот, а натпреварувањето ќе продолжи на 25 август.

Се вчитува...