ПСЖ се мачи да најде начин да заработи на Килијан Мбапе, што е причина од ден на ден се повеќе клубови да се обидуваат да понудат решение за да го доведат францускиот ас во своите редови, макар и на една година ако се знае дека тој веќе се договори во јули 2024 година да се пресели во Реал Мадрид.
Британскиот весник „Мирор“ синоќа објави дека Ливерпул почнал преговори со ПСЖ за можноста за едногодишна позајмица на Мбапе, а денеска стигнува информација дека Челси се вклучува во трката по извонредниот голгетер. Лондонскиот клуб не жалеше пари по доаѓањето на Американецот Боели на местото на Роман Абрамович, па милијардерот од САД сега ќе се обиде да стигне и до потписот на Мбапе.
„Сините“ се интересирале за условите под кои ПСЖ би дал зелено светло за еден ваков трансфер, а Челси е подготвен да испрати во Париз еден до двајца свои фудбалери, за да го убеди францускиот тим да го пушти Мбапе на „Стемфорд бриџ“.
Засега преговорите исто како и во случајот со Ливерпул се во почетна фаза, но доколку ПСЖ не најде начин да го продаде целосно Мбапе за богата отштета двата англиски клуба ќе имаат значително зголемени шанси за потпис пред крајот на овој преоден рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА