Шкендија ја потврди разделбата со раководните структури во спортскиот дел

Тетовска Шкендија и официјално ја потврди разделбата со досегашните раководни структури на клубот, спортскиот директор Харун Иса, како и Скендер Јонузи и Ибрахим Османи.

По неуспехот на европската сцена ова лето, Шкендија се одлучи да се заблагодари на досегашната едногодошна соработка на водечката тројка во спортските структури.

„Едногодишниот договор со спортскиот директор Харун Иса и неговите колеги Јонузи и Османи завршува па од клубот сакаме да се заблагодариме за досегашната посветеност. На челниците на клубот им е жал за ваквиот епилог, бидејќи желбата и идејата беше Шкендија да се издигне на посакуваните нивоа со личности со богато фудбалско минато. За жал, работите не течеа според планираното кон исполнување на целите па сега следи разделбата. Шкендија им се заблагодарува на Харун Иса, Скендер Јонузи и Ибрахим Османи за нивниот придонес, посакувајќи им се најдобро во иднина“ – се вели во официјалното соопштение на Шкендија.

За нов спортски директор на Шкендија, според претходните најави, треба да биде назначен Агим Ибраими, а во спортските структури на клубот се очекува да има место и за уште еден поранешен репрезентативец, Ардијан Цуцули.

Се вчитува...