МЗТ со нови три потписи: Се враќа Младеновски, остануваат уште двајца репрезентативци

МЗТ Скопје го заокружи ростерот за новата натпреварувачка сезона со потписи со уште тројца домашни кошаркари. Репрезентативците Дамјан Робев и Бојан Крстевски ќе продолжат да ги бранат боите на аеродромци и во наредната сезона, а старо-нов член на МЗТ е и центарот Младеновски, кој е повеќе од една година надвор од натпреварувачки ритам по повредата заработена при настапите за Пелистер.

„Со обнова на договорите со Бојан Крстевски (34 год, 208 см) и со Дамјан Робев (26 год, 195 см), како и со повторниот ангажман на Љубомир Младеновски (28 год, 210 см), го комплетиравме тимот со кој во новата сезона ќе ја браниме двојната круна во Македонија и ќе го нападнеме тронот во АБА2, а со тоа и враќањето во јадранската елита.Од Крстевски, кој и петта година по ред ќе биде нашиот домашен бедем под кошевите, стручниот штаб на МЗТ Скопје очекува да биде лидер на теренот и надвор од него, како еден од најискусните во ростерот. Пред Робев, пак, е третата сезона во плаво-белиот дрес, во која од него се очекува максимално да ја искористи минутажата и да се наметне како еден од носителите на играта на нашиот тим.

За Младеновски ова е втор камбек во нашиот табор, во кој прво настапуваше во периодот помеѓу 2013 и 2017 година, а потоа и во сезоната 2018/19. Сите пет досегашни сезони во дресот на МЗТ ги круниса со шампионска титула, а сега доаѓа далеку поискусен, но и по потешка повреда, со цел да покаже дека сѐ уште може да игра на највисоко ниво и дека може да даде огромна помош во обидот да ги оствариме зацртаните цели. Ни доаѓа од таборот на Пелистер, а претходно во два наврати играше за Работнички, а една сезона мина во словенечкиот тим Илирија“, објави МЗТ Скопје.

Актуелниот шампион на Македонија на клупата на во новата сезона ќе го има Васко Атанасов, младиот стратег кој лани ја донесе титулата во македонскиот плејоф.

Во играчкиот кадар пред потписот на последните тројца кошаркари се наоѓаа: браќата Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Андоновски, Марин Петков, Марко Миловановиќ, Србинот Душан Танасковиќ, Хрватот Марко Баковиќ и Американците Седрик Расел и Ејасу Ворку. Дел од екипата ќе бидат и неколкумина од нашите најталентирани млади кошаркари, предводени од Бојан Величковски, кои по потреба ќе бидат вклучувани во ростерот за средбите од домашните натпреварувања и АБА2-лигата.

Се вчитува...