Бугарски Левски, како што информираа од самиот клуб, е парично казнет со 40.000 евра од УЕФА за дискриминаторско однесување, вклучително и етнички скандирања и политички слогани, како и ексцеси во гостинскиот сектор на првиот натпревар од 2. квалификациско коло од Конференциската лига против Шкупи во Скопје.
Покрај паричната казна, Левски доби и забрана да продава билети на своите симпатизери за следното гостување на тимот во европските клупски натпреварувања. Од УЕФА најавија и дека во случај на нов прекршок на следниот домашен натпревар на тимот на меѓународната сцена, стадионот на Левски ќе биде затворен за навивачи.
Токму поради сето тоа, од Левски повикаа на фер и коректно однесување на неговите навивачи на престојниот дуел со Шкупи кој се игра во четврток во Софија на „Герена“.
„Повторно апелираме до сите навивачи да го поддржат тимот на реваншот против Шкупи во Софија на 3. август без никакви акти на агресија, насилство, расизам, дискриминација, ксенофобија и политички слогани, бидејќи тие може да донесат дополнителни тешки казни од УЕФА за саканиот наш клуб“ – се вели во соопштението на ФК Левски Софија.
Пред Дисциплинската комисија на УЕФА е даден и Шкупи за пропусти во организацијата на мечот со Левски и однесувањето на дел од неговите навивачи, при што се шпекулира дека македонскиот тим ќе добие казна од забрана за присуство на навивачи на следните два домашни натпревари на меѓународната сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА