Полувреме во Подгорица на стадионот „Под Горица“, Будуќност и Струга ТЛ заминаа на одмор со 2-2 по интересен и возбудлив натпревар во кој двата тима се сменија во предноста, и на крајот „егал“ со гол од слободен удар во 8. минута од судиското надополнување.
Струга ТЛ лошо го започна мечот. Во 7. минута по изведен корнер Ѓуричковиќ со петица го совлада Ќосевски, по невнимателноста во дефанзивата на македонскиот првак.
Сепак, само четири минути подоцна, во 11. минута успеа Струга ТЛ брзо да се врати. На ист начин по изведен корнер, Радески скокна највисоко и со глава го матираше голманот на Будуќност.
Во продолжението од натпреварот еден хендикеп за стружани, кои мораа да менуваат поради повреда. Мазрекај се повреди, а на негово место влезе Хоган Укпа. Во продолжението од мечот мала предност во поседот на топката за Будуќност, неколку нафрлени топки и изведени прекини, но сето тоа не создаваше проблеми за одбраната на гостите и голманот Ќосевски.
Струга ТЛ чекаа грешка на домаќинот, и ја дочекаа во втората минута судиското надополнување кога по еден противнапад, Радески прими топка и стрелаше успешно во мрежата на домаќините за предност од 1-2.
Меѓутоа во осмата минута од судиското надополнување, одличен гол на Аџиќ, кој од слободен удар успеа да го совлада Ќосевски и да израмни на полвуремето и така да ја скрати радоста на стружани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА