По сосема заслужено добиениот некој ден повеќе за одмор од стручниот штаб на нашата сениорска репрезентација, Ти-Џеј Шортс се приклучи на подготовките на македонската репрезентација за престојниот претквалификациски турнир за ЛОИ 2024.
Со нашиот национален тим, Шортс претходно обезбеди пласман во квалификациите за Евробаскетот 2025, а како предводник на германскиот Телеком Бон стигна и до пехарот наменет за најдобрата екипа во ФИБА Лигата на шампионите, плус со главното индивидуално признание – најкорисен играч на завршниот турнир.
Како еден од најдобрите на првата бековска позиција, и дефинитивно важи за еден од најбараните играчи на Стариот континент. Сето тоа не му посмета по краткото време за одмор, и условите кои со себе ги носи преминот од една во друга часовна зона, да се појави на тренингот на нашата најдобра репрезентација во салата во СРЦ „Кале“ во Скопје.
„Мило ми е што се вратив во репрезентацијата, екипата и селекторот ми посакаа добредојде и со нетрпение очекувам повторно да го облечам дресот на националниот тим. На секој натпревар ќе одиме на победа и ќе се обидеме да напредуваме“ – вели американскиот бек по првиот одработен тренинг во подготовките.
Еден од најдобрите плејмејкери во Европа, во овој момент, смета дека добра работа е што тимот претставува микс на искусни, но и млади, талентирани кошаркари:
„Добро е тоа што во тимот имаме искусни кошаркари и млади, талентирани играчи кои носат енергија. Кога ќе се спојат тие две работи, секогаш придонесуваат за добра атмосфера во репрезентацијата. Треба само да продолжиме да тренираме заедно, да дадеме се од себе и успехот ќе дојде“ – дополнува Шортс.
Претквалификацискиот олимписки турнир ќе се одржи од 12. до 20. август во Талин, Естонија, и потоа во Гљивице, Полска.
Првиот меч на турнирот во Талин, Македонија го игра на 12. август против Израел, а на 13. август е дуелот со Естонија. На 15. август е мечот против репрезентацијата на Чешка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА