Ристовски и Динамо со нов триумф ја минаа Астана

Динамо Загреб се пласираше во следната квалификациска рунда за Лигата на Шампионите откако хрватскиот првак славеше и на реванш дуелот против Астана. По убедливите 4-0 на првиот меч во Загреб, тимот на нашиот Стефан Ристовски денеска славеше и на гостувањето во Казахстан со 0-2, за сигурен пласман во третото квалификациско коло.

Динамо беше подобар противник во првото полувреме, во кое од неколкуте одлични шанси „модрите“ реализираа една, преку Емрели, кој со малку среќа успеа да го совлада голманот на Астана. Водството можеше да биде уште поголемо ако Бруно Петковиќ имаше свој ден, но најдобриот напаѓач на Динамо не искористи неклку убави шанси во ова прво полувреме.

Пласманот во следната рунда беше осигуран, концентрацијата кај гостите од Хрватска опадна, а фудбалерите на Астана го искористија тоа за да наметнат темпо во вториот дел. Домаќините создадоа и неколку одлични шанси, но голманот Ливаковиќ бранеше фантастично и не дозволи неговата мрежа да биде затресена, осигурувајќи ја оваа гостинска победа на Динамо. Казната за промашувањата стигна во 88. минута, кога Марин се најде на вистинско место и од пет метри ги постави конечните 0-2.

Ривал на Динамо Загреб во следната квалификациска рунда за Лигата на Шампионите ќе биде грчкиот гигант АЕК.

Се вчитува...