Кадетската репрезентација на Македонија со пораз го стартуваше настапот на СП во Хрватска, откако избраниците на Раде Стојановиќ по голема битка загубија од Норвешка со резултат 27-25. Скандинавците ја имаа улогата на големи фаворити во пресрет на мечот, но Македонија се покажа во добро светло, во голем дел од мечот му парираше на норвешкиот состав, но немаше среќа да стигне до позитивен исход на овој меч во кој „црвено-жолтите“ се покажаа во одлично ветло.
Првото полувреме донесе израмнета игра во која Норвежаните делуваа збунето од агресивната македонска одбрана, откако нашите ракометари по сопствената половина ги бркаа своите противници. По 14 минути игра резултатот беше 3-3 по погодокот на Калајџиески, а Норвешка успеа да поведе со 6-4 во 20. минута. И покрај бројните исклучувања (шест само во првото полувреме) и чудниот судиски критериум, нашите ракометари останаа резултатски да парираат, преку Стојаноски намалувајќи на 10-9, за на одмор да заминат со негатива од 11-9.
Почетокот на второто полувреме беше катастрофален за Македонија, откако наивно беа загубени неколку топки во нападот, а противникот го искористи тоа за со лесни голови на спротивната страна да се одлепи на 16-10. Македонските кадети во тие моменти покажаа карактер, па со четири гола во низа намалија на 16-14. Резултатот се движеше меѓу два и три гола предност за Норвешка се со 19-16, кога имавме и играч повеќе на теренот, но наивно дозволивме противникот да постигне два гола и да се одлепи на 21-16.
„Црвено-жолтите“ во ниту еден момент не помилија на капитулација, па на три минути до крајот пак намалија на два гола (24-22), преку Дамјан Митев, кој изнуди и исклучување за еден норвешки ракометар. На 90 секунди до крајот успеавме да намалиме на 25-24, но Норвежаните најдоа лек за нашата агресивна одбрана, успеаја да реализираат. Македонија даде гол и се избори за неизвесен финиш, а во последните секунди судиите повторно донесоа одлука во корист на Норвешка, овозможувајќи им на противниците и покрај пасивната игра при 26-25 да ја задржат топката до самиот крај во свој посед и со гол во последната секунда да ја запечатат победата изразена со конечни 27-25.
Македонија во второто коло в петок ќе се сретне со селекцијата на Црна Гора, меч што на програмата е во 19.30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА