Шкупи има негатива од 0-2 пред денешниот реванш против Левски во Софија во 2. квалификациско коло од УЕФА Конференциската лига.
Левски е пред пласман во следната рунда натпревари, Бугарите се фаворити и за денешниот дуел, но тренерот на Левски, Николај Костов повикува на претпазливост испраќајќи серија пофалби за играта на фудбалерите на Шкупи.
„Мора многу сериозно да пристапиме на мечот, немаме право да го потценуваме Шкупи. Лошиот терен во Скопје не влијаеше само на нашата, туку и на нивната игра. Имаат многу технички подготвени играчи кои се одлични во средниот ред. Таму се најсилни. Имаат добар напаѓач кој од празни простори доста брзо шутира. Ќе играат со голем мотив и затоа мора да бидеме претпазливи“ – вели Костов, кој е среќен што стадионот ќе биде преполн.
„Мило ми е што стадионот ќе биде полн. На нашите фудбалери им е потребна оваа поддршка од 30.000 навивачи. Но ги повикувам да покажеме добри манири. Сигурен сум дека нашите играчи ќе бидат дисциплинирани и ќе покажат почит кон противникот. Кога се среќаваат екипи од Балканот има тензија, фудбалерите дополнително внимаваат на други работи и опаѓа нивото на игра. Денеска не треба да биде така“ – дополнува Костов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА