Кадетската репрезентација на Македонија направи џиновски чекор кон главната фаза на СП 2023 што се одржува во Хрватска откако нашите млади ракометари вечерва ги совладаа врсниците од Црна Гора со убедливи 29-20. Македонските ракометари одиграа одличен меч во кој со цврста одбрана и поддршка од голманите Брестовац и Галевски ги исфрлија од ритам Црногорците, за во вториот дел да го скршат целосно нивниот отпор и да си го трасираат патот до убедлив триумф. По несреќниот пораз од Норвешка, Македонија покажа квалитет во меч што претставуваше „да се биде или не“, како најава за светла иднина во овој спорт.
Од самиот почеток се играше максимално цврсто во одбраната на двете страни,па првиот гол беше постигнат во 5. минута, за водство на Македонија од 1-0. Црногорците првиот гол го постигнаа дури во 10. минута, за намалување на резултатот на 2-1, а само одличните одбрани на црногорскиот голман не дозволија Македонија порано да се одлепи резултатски. Во 18. минута веќе имавме два нереализирани пенали, Црна Гора неколку пати имаше и минимално водство, но избраниците на селекторот Раде Стојановиќ подобро го завршија полувремето и на одмор заминаа со водство од 12-10, со гол постигнат во самиот финиш во ситуација кога имавме играч помалку на теренот.
Второто полувреме мина во целосна доминација на македонската селекција, одбраната на чело со голманот Брестовац функционираше беспрекорно, а конечно профункционира и нападот, па „црвено-жолтите“ успеаја и резултатски да се одлепат. Црногорците почнаа да губат нерви и се обидоа со груби стартови да се вратат во мечот, но беа санкционира од судиите, па Македонија ја користеше предноста од играч повеќе и успеа да поведе со пет гола предност (18-13).
Последниот обид за камбек противниците го имаа кога дадоа гол од контранапад за 20-17, а притоа со глума успеаја да изнудат и исклучување за нашиот голман Брестовац. Тоа не се покажа како најпаметен потег бидејќи на голот застана Галевски, кој со неколку извонредни интервенции ги откажа Црногорците, па Македонија на осум минути до крајот имаше предност од 24-17. Ова водство беше рутински задржано, за конечни 29-20 со голот на голманот Галевски и прва радост на нашите млади ракометари на овој кадетски мундијал.
За пласман во главната фаза сега ни е потребна само уште победа над аутсајдерот Грузија, селекција која во првите две кола претрпе убедливи порази и е апсолутен аутсајдер во мечот со македонските кадети.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА