Селекцијата на Словенија ја очекува многу работа ако сака да атакува на висок пласман на претстојниот Мундобаскет откако Словенците повторно потфрлија и заслужено загубија од селекцијата на Грција, која е значително ослабена на овој шампионат. За Грција повторно не настапи Јанис Адетокумбо (конечната одлука се очекува за една седмица), но и без својот најдобар кошаркар селекторот Итудис повторно успеа да ги надмудри Словенците и да го предводи својот состав до заслужена победа, изразена со конечни 88-77.
Грција уште од самиот почеток наметна силно темпо и во раната фаза од мечо стигна до двоцифрена предност (20-9), но Словенците се вратија и со поените на Препелич намалија на 27-25 на крајот од четвртината. Тоа беше се што можеше да се проследи како супериорност од Дончиќ и соиграчите, бидејќи грчкиот состав потоа целосно ја презеде контролата. На полувреме се замина со предност на домаќините од 51-44, а потоа во третиот период Грција стигна и до убедливи 20 поени разлика (68-48).
За одбележување е дека Лука Дончиќ по еден удар во коленото пред крајот на втората четвртина го напушти теренот и потоа не се врати во игра до самиот крај. Двајцата селектори направија ротации во составите, а Грција рутински го приведе мечот до крај, стигнувајќи до нова победа над Словенците по онаа од 91-98 пред неколку дена во Љубљана.
Покрај Дончиќ, уште еден голем проблем за Словенија претставува повредата на Чанчар, кој мораше да биде изнесен од теренот и е неизвесно дали ќе може да се рехабилитира навреме за настап на СП 2023.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

