Иако навивачката група „Комити“ се обидува колку толку да ја санира катастрофалната финансиска положба на Вардар, во која веќе подолго време се наоѓа нашиот најтрофеен фудбалски клуб, се уште се судруваат со многу, се чини за нив нерешливи проблеми. Играчите речиси една година играат без плата, клубот нема свои простории, нема канцеларија во која новинарите би можеле да се сретнат со претседателот или секретарот, нема дури ни клупски телефон на кој може да се добие било каква информација. Играчите тренираат на стадионот во Маџари, и за тоа се потребни пари за бензин или автобуски билети. Пари нема. Сите средства, не се тоа големи, кои навивачите ги собраа од продажбата на сезонските билети беа потрошени за подготовките на Златибор, за платена котизација за да можат да играат во Првата лига. Финансиската помош од некои скопски општини е симболична, повеќе за реклама отколку што може финансиски да го извлече Вардар од бездна во која се наоѓа.
Што е уште најлошо, никој не знае колку се долговите на Вардар. Се спомнуваат милионски суми, затоа и никој не сака да се зафати да го спасува Вардар. Се ова друго се финансиски „крпеници“, од денес до утре и до кога. Досегашниот сопственик Крстевски не се изјаснува за долговите, тврди дека тој ќе ги плати направените за времето додека тој беше на чело на клубот. Кога ќе биде тоа и колку пари се во прашање, не е познато. Финансиска помош треба да пристигне и од Собранието на Град Скопје, но тоа не оди преку ноќ, потребна е процедура. И што е најлошо, и таа сума, без оглед колку е голема, нема да биде доволна Вардар да застане на цврсти нозе.
Не е голем оптимист и спортскиот директор на клубот Баевски, кој и самиот се обидува да најде некој излез од оваа лоша ситуација на Вардар.
– Егзистираме од денес до утре, се надеваме дека ќе биде подобро, клубот конечно да застане на цврсти нозе, но од ветувања не се живее ниту може да се води клубот. Како преживеавме во Втората лига, подобро и да не говорам. Тоа беа моите најтешки денови откако се занимавам со фудбалот, порано како играч а сега како спортски директор.
Ние само ќе додадеме. Секоја чест на одделни луѓе од навивачката група „комити“, кои се обидуваат да го „заживеат“ Вардар, да му се врати поранешното реноме, кога беше вистински фудбалски бренд на Македонија. Но објективно тие тешко можат тоа да го направат без некој силен спонзор, без санирање на долговите, без одново да се врати на тренинзи на терените во градскиот парк, во своите простории бидејќи тоа е негова куќа.
И на крајот на овој текст, интересно е да се напише дека Вардар има уште еден проблем на стартот во прволигашкото друштво. На неделниот меч во Струмица против „Брера“, порано Академија Пандев, екипата ќе ја води помошниот тренер Влатко Колев, поранешен фудбалер на Силекс и Балкан бидејќи Бобан Грнчаров нема „про лиценца“ и не може да биде тренер во Првата лига. Единствено може да седи на клупата во улога на помошен тренер, претставник на клубот или физиотерапевт. Такви се пропозициите. Така ќе биде се додека Грнчаров не положи за „Про лиценца“. Постапката е во тек.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

