Најтрофејниот македонски клуб Вардар повторно се враќа во Првата македонска фудбалска лига. По две години второлигашко битисување „црвено-црните“ сега се повторно во елитата, овој пат со повеќе од сериозен предизвик – да потврдат дека и тоа како „бајката“ може да биде преточена во стварност!
Изминатиов период на крилјата на „Комитите“, кои осамени успеаја да го спасат својот миленик од „пропаст“, Вардар успеа да остане на нозе. Се рашири приказната за мобилизација на сите расположиви сили, се активираше првата помош за минимална стабилизација, се огласи се „живо и диво“ во поддршката на клубот – и оние кои од срце сакаат да го видат оној стариот шампионски Вардар и оние кои поради разно-разни лични интереси мора само да се појават во јавност, но факт е дека сега почнува вистинската битка за Вардар и за неговата иднина! Прволигашкиот терен и резултатите и тоа како, во голема мера, ќе ја определуваат насоката на идниот вардаров тек. Во фудбалот секогаш било така!
А, ждрепката сакаше новото прволигашко враќање „вардарци“ да го имаат во градот каде во минатото се „коваа“ многу шампионски титули против тогаш лутиот ривал Беласица. Сега, противник е ребрендираната АП Брера која најавува сериозни амбиции низ својата фудбалска иднина, поради што е дополнителен предизвик и за Вардар на стартот од новата сезона.
И покрај тоа што се очекуваше супер-старт на сезоната и од трибините, сепак најверните навивачи на Вардар, „Комитите“ вчера не добија дозвола за гостување во Струмица поради тоа што новата трибина на теренот на центарот „Горан Пандев“ се уште нема технички преглед. А, без технички преглед, и тоа како, не може да прими навивачи.
Но, и покрај тоа „Комитите“ воопшто не планираат да го остават осамен својот миленик на стартот од прволигашкото враќање. Најавија мобилизација за Струмица. „Комити“ денеска патуваат во Струмица со поддршка за својот клуб, истата онаа поддршка која единствени ја дадоа за финансиско одржување на клубот, сега со желба за максимално резултатско одржување низ Првата лига.
„Мобилизацијата продолжува – СИТЕ ВО СТРУМИЦА! Упатуваме благодарност до управата на ФК Брера поради искрениот пристап и заложба, но исто така порачуваме дека овој натпревар го чекаме повеќе од две години и затоа, покрај околностите ги повикуваме сите членови и симпатизери на клубот. Борбата започнува – дојди во Струмица!“ – порачаа „Комитите“.
Вардар против Брера почнува една своја нова приказна во фудбалската историја. Дали ќе биде успешна, на крајот, и покрај се, мерило е само теренот!
ПМФЛ – 1. КОЛО (денеска, 17 ч.)
Охрид: ВОСКА – ШКЕНДИЈА
Струмица: АП БРЕРА – ВАРДАР
Штип: БРЕГАЛНИЦА – СИЛЕКС
Струга: СТРУГА ТЛ – ГОСТИВАР
Кавадарци: ТИКВЕШ – МАКЕДОНИЈА ЃП
УТРЕ (17 ч.)
Скопје: РАБОТНИЧКИ – ШКУПИ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА