Струга ТЛ по одбрана на титулата, Шкупи и Шкендија сакаат враќање на шампионскиот трон

Новата сезона во првата македонска фудбалска лига стартува денеска, очекувајќи интересна битка за сите позиции, како за шампионскиот трофеј, така и за местата кои носат во Европа, и оние за испаѓање. Првата лига сезонава доби и еден дебитант во името на Воска Спорт кој за првпат ќе игра во „елитата“.

Битката за титулата одново ќе се води меѓу Струга ТЛ, Шкупи и Шкендија, кои на хартија имаат најквалитетени состави. Струга ТЛ ќе се обиде да го одбрани шампионскиот пехар, освоен за првпат минатата сезона, а Шкупи и Шкендија ги освежија своите состави во обидот да се вратат на шампионските патеки. Стружани го задржаа речиси истиот играчки кадар, предводен од искусниот Бесарт Ибраими, рекордерот по број на голови во Првата лига, кој сезонава само ќе ја зголемува бројката на постигнати погодоци.

Фаворит од сенка за врвот на табелата би требало да преставува тимот на Работнички, кој направи сериозен „ремонт“ на составот. Ги донесе репрезентативецот Гроздановски, потоа напаѓачот Стојановски, екс младинскиот репрезентативец Петковски, сите со значајно интернационално искуство. Надополнети со искусните Мурати, Белица и Велкоски, Маркоски… како и со неколку млади играчи, треба да биде спојот кој ќе му ја донесе старата слава на тимот од Дебар Маало.

Оваа сезона Првата лига ќе биде побогата и за најтрофејниот македонски тим Вардар кој по две години се враќа во „елитата“. Колку и Вардарци да се соочени со проблеми од секаков аспект, во никој случај не смее да се потцени ниту отпише предвреме. Дефинитивно за „црвено-црните“ сезонава ќе биде битка за останување и натаму дел од прволигашката конкуренција, за нешто повеќе ќе треба да почекаат некои подобри времиња.

Останување во прволигашката конкуренција ќе бидат амбициите и на останатите екипи. Силекс е секогаш како од сенка претенд за Европа, Брегалница со доведувањето на речиси цел тим играчи ќе се обиде да се вклучи во битката за местата кои носат меѓународна сцена. АП Брера Струмица беше речиси најнеактивен на трансфер пазарот, и со млади играчи главно потекнувајќи од сопствениот погон ќе има амбиција да остане и натаму дел од прволигашката конкуренција. Со ново име, нов стручен штаб и легендарниот Горан Пандев во раководните структури треба да покаже дека тимот има капацитет да произведува млади таленти кои ќе бидат иднината на фудбалот во Македонија. Истите амбиции ќе ги имаат и Македонија ЃП и Тиквеш. Македонија ЃП се чини одново приоритет ќе даде на Купот, кој го освојува две години по ред, додека Тиквеш со искусен тим може да прави проблеми дури и на претендентите за висок пласман, особено кога игра пред своја публика.

Интересно ќе биде да се види како ќе функционира Гостивар, кој доби звучни имиња во својот ростер. Гостиварци според имињата имаат квалитет и да се борат за горниот дел на табелата, меѓутоа треба да се има во предвид фактот дека на тие играчи ќе им треба време за воигрување. За дебитантот Воска Спорт приоритет ќе биде зачувување на прволигашкиот статус. Екипата доведе неколку играчи од странство, нов тренер од Црна Гора, имиња со кои ќе атакува само да го избегне најлошото.

Во денешното прво коло, најинтересно ќе биде во Струмица, каде АП Брера го пречекува Вардар. Интересно ќе биде и во Струга, каде шампионот го чека новиот прволигаш Гостивар, додека Шкендија гостува кај Воска Спорт. Тиквеш дома игра со Македонија ЃП, а Брегалница го чека Силекс во дербито на истокот.

Првата лига се комплетира утре со мечот меѓу Работнички и Шкупи на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.

ПМФЛ, 1. КОЛО

ДЕНЕСКА, 17 Ч.

Струмица: АП БРЕРА – ВАРДАР
Штип: БРЕГАЛНИЦА – СИЛЕКС
Струга: СТРУГА ТЛ – ГОСТИВАР
Кавадарци: ТИКВЕШ – МАКЕДОНИЈА ЃП
Охрид: ВОСКА СПОРТ – ШКЕНДИЈА

ПОНЕДЕЛНИК, 17 Ч.

Скопје, Маџари: РАБОТНИЧКИ – ШКУПИ

Се вчитува...