Еуро Никел застанува на нозе, ќе има нов тренер и значително изменет состав

Кавадарци ќе има прволигаш и во новата кошаркарска сезона откако полека, но сигурно се смируваат страстите и веќе станува јасно дека компанијата Еуро Никел нема да се откаже од спонзорирањето на овој клуб. Последните информации говорат дека е пронајден заеднички јазик и дека кавадаречкиот прволигаш ќе продолжи да го носи името Еуро Никел, отфрлајќи ги најавите за преименување во КК Тиквеш, иницијатива што беше поддржана од кавадаречките спортски кругови што сепак нема да се реализира.

Едно е јасно, кавадарчани ќе имаат намален буџет, а дополнителен проблем им претставува тужбата до БАТ-судот од Предраг Самарџиски, поради која Еуро Никел не може да регистрира странски засилувања. Од ланскиот ростер договорено е останувањето на Караколев, под договор е и Младеновиќ, кој чека разврска бидејќи има и други понуди на маса, а се разговара и со Дарко Соколов за тој да остане во таборот на кавадарчани.

Намалениот буџет ќе значи и промена на планот околу тренерската функција, откако падна во вода договорот што начелно од почетокот на летово челниците на Еуро Никел го имаа со Александар Петровиќ. Според последните информации, сега кавадарчани се решени да изберат локален тренер, и тоа Атанас Манев, кој му беше асистент на екс-тренерот Горан Самарџиев, а сега за првпат ќе ја добие довербата за шеф на стручниот штаб на КК Еуро Никел.

Се вчитува...