Дејвид Мојес веќе неколку седмици е во војна со управата на Вест Хем поради покажаната неамбициозност на пазарот, нешто што е неприфатливо за тренерот на освојувачот на Конференциската лига на УЕФА.
Притисокот од искусниот стратег на крајот вроди со плод, па „чеканите“ конечно го договорија првиот трансфер летово, ангажирајќи го Едсон Алварез од Ајакс. Станува збор за 25-годишен мексикански репрезентативец кој настапува како последен играч за врска и ќе биде наследник на Деклан Рајс во Вест Хем, откако „чеканите“ го продадоа својот капитен во Арсенал за 105 милиони евра.
Алварез ќе пристигне во лондонскиот клуб за отштета од 40 милиони евра, плус 10% од следниот трансфер на овој фудбалер.
Едсон Алварез инсистираше на заминување од Ајакс поради покажаната неамбициозност од управата и заминувањето на низа клучни играчи во последните 15 месеци. Холандскиот гигант се обидуваше да го премисли, а кога стана јасно дека тоа е невозможно ја прифати понудата на Вест Хем, па се очекува Мексиканецот во следните 48 часа да ги мине лекарските прегледи и официјално да го потпише договорот со „чеканите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

