Кадетската репрезентација на Македонија претрпе уште еден убедлив пораз на Европското првенство за кошаркари до 16 години што се одржува во Скопје, овојпат од селекцијата на Литванија со убедливи 52-95. Слично како и на вчерашниот дуел со Франција, нашите млади кошаркари и денеска беа целосно немоќни во однос на големиот фаворит, кој со убедливата победа го освои првото место во групата, со три победи на трите натпревари од групата Б.
„Црвено-жолтите“ успеваа барем малку да парираат во првите две четвртини, по десет минути игра резултатот гласеше 16-23, а на одмор се замина со водство на Литванија од 26-38. Како што одминуваше времето, така противникот се повеќе го засилуваше темпото што Македонија не можеше да го следи, Литванците ја добија третата четвртина со 17-32, потоа во последната примија само девет поени (9-25), за конечен триумф од 43 поени разлика.
Јаничиќ со 15 поени беше единствениот со двоцифрен ефект во нашиот состав, Најков постигна девет, а Марјановиќ осум поени за Македонија во денешниот убедлив пораз.
По освоеното трето место во групата, нашиот состав задутре во нокаут фазата ќе се сретне со селекцијата на Словенија, која беше второпласирана во групата А.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА