Ливерпул славеше со 3-1 на дуелот против Дармштад одигран на стадионот на Престон, на последниот подготвителен дуел за тимот на Јирген Клоп во пресрет на новата сезона.
„Црвените“ очекувано одиграа доминантно, почнувајќи го дуелот со четири офанзивни играчи во стартниот тим (Салах, Жота, Дијаз и Гакпо), помогнати од двете летни засилувања Мекалистер и Собослаи. Офанзивниот пристап овозможи по само седум минути Ливерпул да води со 2-0, Салах најпрвин погоди за водство од 1-0, а потоа му асистираше на Жота при вториот погодок за англискиот гигант.
Дармштад во 9. минута намали на 2-1, а германскиот состав потоа на стартот од вториот дел пропушти стопроцентна шанса за 2-2. Казната стигна на спротивната страна кога Луис Дијаз маестрално погоди по корнерот од левата страна.
Потоа следеа бројни замени на двата тренери, по што имаше шанси на двете страни, но мрежите мируваа и овој интересен натшревар заврши со триумф на Ливерпул од 3-1.
Премиер-лигата официјално стартува претстојниот викенд, а Ливерпул веќе во првото коло го очекува дерби на гостински терен против Челси, в недела во 17.30 часот на стадионот „Стемфорд бриџ“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

