Официјално: УЕФА го одложи натпреварот АЕК – Динамо Загреб

Натпреварот од квалификациите за Лигата на Шампионите меѓу АЕК и Динамо Загреб што требаше да се игра вечерва во Атина е одложен, потврди денеска УЕФА по големите инциденти што се случуваа вчера во Атина.

Едно лице го загуби животот, а десетина се повредени во страшните тепачки во грчката метропола предизвикани од хрватските хулигани кои дојдоа во Атина и покрај забраната за присуство на гостински навивачи.

„УЕФА најжестоко ги осудува страшните инциденти кои се случија во Атина, кои резултираа со губење на човечки живот. Изразуваме искрено сочувство до семејството на жртвата, до АЕК и неговите навивачи, истовремено уште еднаш потенцираме дека нема место за насилство во нашиот спорт и очекуваме сите одговорни за овој страшен инцидент ќе бидат уапсени во најскоро време. Наша проценка е дека не постојат услови за нормално одигрување на натпреварот вечерва и затоа истиот е одложен. Мечот во Загреб меѓу Динамо и АЕК ќе се игра на 15 август како што е планирано, а во контакт сме со двата клуба за реваншот да биде презакажан за 18 или 19 август во Атина“, објави УЕФА.

Се вчитува...