Нов „потрес“ во ПСЖ: Луис Енрике со „црвени картони“ за уште петмина фудбалери!

ПСЖ дефинитивно прави целосен играчки ремонт летово, Меси и Рамос веќе си заминаа, не се смета ниту на Килијан Мбапе, а според последните информации управата на клубот решила да им се заблагодари на уште петмина фудбалери. Очекувано, на врвот на листата се наоѓа Нејмар, кој и самиот сака да си замине од клубот, а покрај Бразилецот во ПСЖ веќе нема иднина ниту за Верати, Екитике, Бернат и за Ренато Санчез.

РМЦ Спорт информира дека денеска тренерот Луис Енрике имал полни раце работа, откако заедно со спортскиот директор Луис Кампос имал средби со речиси сите фудбалери. На пет од нив им било соопштено дека тие веќе не се дел од неговите планови, за да можат уште до крајот на овој преоден рок да си најдат нов ангажман и да си заминат од „Паркот на принцовите“.

Нејмар е втор најплатен фудбалер во клубот, веднаш зад Мбапе, а „светците“ јасно ставија до знаење дека немаат намера да го задржат во тимот. Тој сака да се врати во Барселона, но каталонците се соочуваат со сериозни финансиски проблеми, па многу пореално во моментов е Нејмар да се пресели во Саудиска Арабија.

Оваа земја е можна следна дестинација и за Верати, кој веќе има постигнато договор со Ал Хилал. ПСЖ одбиваше да го продаде за 30 милиони евра, но по најновиот развој на настаните се очекува преговорите да продолжат и „светците“ за нешто повисока сума да дадат зелено светло за заминување на италијанскиот плејмејкер.

Ренато Санчез е најблиску до преселба во Рома, а останува да се види каде ќе завршат Екитике и Бернат, двајца играчи кои лани имаа минимална улога во тимот, па летово ќе треба да ги спакуваат куферите и да си заминат од клубот.

Се вчитува...