Македонските одбојкари ги реализираат финалните подготовки за настапот на Европското првенство кое од 30. август до 6. септември ќе се игра и во Скопје.
Каппитенот Никола Ѓорѓиев е задоволен од досега сработеното, но верува дека формата дополнително ќе биде подигната и со натпреварите на меѓународниот турнир „Чајка“ кој одбојкарите ги очекува овој викенд.
„Може да кажеме дека успешно ги минуваме подготовките, имавме квалитетни тест-дуели а посебно сум горд на првиот натпревар против Израел, кога од 0-2 во сетови, на крајот славевме со 3-2, со што покажавме голема ментална сила и карактер. Токму тоа ќе ни биде неопходно на Европското првенство. Мечот со Јапонија, пак, кој го одигравме речиси на ‘една топка’. За жал, поради премореност го загубивме иако водевме со 2-1 во сетови. Евидентно е дека првите сетови ги губиме, па затоа е потребно малку повеќе енергија да посветиме на почетокот од натпреварите“ – вели Ѓорѓиев кој верува дека на последните пет пријателски меча ќе се темпира вистинската форма.
„Не очекуваат сега најпрво два меча со Јапонија од затворен тип, а на турнирот „Чајка“, кој ќе биде силен, ќе играме уште три меча, со Јапонија, Египет и со Грција. Се надевам на уште подобри резултати со кои ќе ја достигнеме формата на максимално ниво пред ЕП“.
Македонија на Европското првенство најпрво во групната фаза ќе игра со Данска (30. август), три дена подоцна со Црна Гора, па со Полска (3. септември), со Холандија (5. септември), и со Чешка на 6. септември. Четирите најдобри селекции од оваа група ќе продолжат во осминафиналето кое ќе се игра во Бари, Италија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА