Шчесни ги одби милионите од Саудиска Арабија: Веќе имам доволно пари, немам зошто да одам таму…

Војчех Шчесни и летово ја потврди својата лојалност кон Јувентус, откако полскиот голман одби неколку интересни понуди и реши да остане член на најтрофејниот италијански клуб.

Полјакот беше на листата со желби на Баерн Минхен, најбогатата понуда пристигна од Саудиска Арабија, но тој јасно стави до знаење дека нема намера да го следи новиот тренд во светскиот фудбал и да се пресели „на исток“.

„Понудите од Арабија? Јас веќе имам заработено доволно пари во животот, за да одам и да играм за пари во Саудиска Арабија. Многу повеќе сакам да уживам во предизвиците овде, да бидам прв голман на гигант како што е Јувентус. Како што веќе имам кажано – јас сакам да останам овде до крајот на кариерата и ќе си заминам само тогаш кога ќе ми биде кажано дека веќе не сум потребен“, изјави Шчесни.

„Старата дама“ беше исклучена од УЕФА од Конференциската Лига, но неиграњето во европските купови не е никаква трагедија за искусниот чувар на мрежата.

„Нема да играме во Европа, значи дека по долги години ќе можеме да ги минеме вторниците и средите гледајќи фудбал на телевизија. Не е трагедија една година да не се биде дел од европските купови, напротив, ќе имаме повеќе време за тренинзи и целосно фокусирање на борбата за скудетото“, истакнува полскиот репрезентативец на голот на Јуве.

Се вчитува...