Струга ТЛ запиша навистина убаво достигнување со пласманот во плејоф-рундата од Конференциската лига на УЕФА.
За тимот кој е основан пред само осум години тоа е секако причина за задоволство кое не го крие и капитенот Фламур Таири, кој е дел од сите овие последователни успеси на стружани.
„Јас сум дел од Струга Трим Лум од неговите почетоци и од година во година постигнуваме последователни успеси. Секако сум возбуден за пласманот во плеј-офот, тоа е историско достигнување за нас и се надеваме дека ќе продолжиме со успесите, па зошто и да не се квалификуваме и во групите на Конференциската лига“ – вели Таири, кој за ова достигнување им се заблагодари на соиграчите кои синоќа во Луксембург дадоа се од себе само за да го продолжат европскиот сон.
„Секако, за ова достигнување, сакам да им се заблагодарам на сите фудбалери, бидејќи буквално сите покажаа невиден натпреварувачки дух. И оние кои го стартуваа мечот и оние кои влегоа во игра од клупата покажаа ентузијазам, извонредна подготовка и максимална желба“ – дополнува Фламур Таири.
Следен противник за македонскиот шампион во плејоф фазата е шампионот на Исланд, Бреидаблик. Првиот меч Струга ТЛ го игра на домашен терен на 24. август во Струмица, додека една недела подоцна ќе се игра на теренот на противникот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА