Тиквеш го сака „скалпот“ и на Шкендија, скопска пресметка во Маџари

Тиквеш и Шкендија го играат најинтересниот денешен натпревар од 3. коло во Првата македонска фудбалска лига.

Кавадарчани по извонредниот старт на сезоната со две победи, сега го посакуваат и „скалпот“ на Шкендија. Тимот на Ѓорѓи Мојсов, со победите над Македонија ЃП и Гостивар, покажа дека и тоа како има свои цели сезона од кои сигурно нема да отстапи.

Но, и Шкендија има свои „математики“. Тетовци досега одиграа само еден натпревар, славејќи со 0-1 на гостувањето против Воска спорт во Охрид. Во 2. коло го прескокнаа одложениот натпревар со Струга ТЛ, а сега се желни за нов гостински успех.

„Тиквеш одлично ја почна сезоната потврдувајќи дека се работи за квалитетна екипа. Сигурно се мотивирани за нова победа, но и ние имаме свои мотиви за гостувањето во Кавадарци. Ќе биде сигурно тежок натпревар, но ние веруваме во нашите квалитети и ќе направиме се да дојдеме до уште една победа на гостување на стартот од новата сезона“ – вели крилниот дефанзивец на тетовци, Клисман Цаке.

Скопската пресметка е на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари каде Работнички ќе ја пречека Македонија ЃП.

Голманот на „лавовите“ Христијан Стевковски вели дека овие мечеви секогаш носеле многу неизвесност, а неговиот тим дека ќе оди на победа на овој натпревар.

„Малото скопско дерби секогаш било интересно, одиме во Маџари да се надигруваме и да извлечеме позитивен резултат од засилениот Работнички“ – вели Стевковски.

ПРВА ЛИГА – 3. КОЛО (денеска, 17 ч.)
Штип: БРЕГАЛНИЦА – ГОСТИВАР
Скопје: РАБОТНИЧКИ – МАКЕДОНИЈА ЃП
Скопје: ШКУПИ – СИЛЕКС
Кавадарци: ТИКВЕШ – ШКЕНДИЈА
Охрид: ВОСКА – ВАРДАР
УТРЕ (17 ч.)
Струга: СТРУГА ТЛ – АП БРЕРА

Се вчитува...