Реал нема да чека до 2024 за Мбапе: Ова ќе биде „земи или остави“ понудата до ПСЖ

Реал Мадрид нема намера да чека уште една година за да го доведе Килијан Мбапе во своите редови, туку ќе настојува уште летово да го доведе францускиот голгетер во своите редови. Мбапе неодамна се врати во тимот на ПСЖ, прославуваше со извици дека ќе остане во клубот, но последните информации велат дека сето тоа е дел од тактиката смислена од Флорентино Перез, за што подобра позиција во преговорите.

Перез и Ал Келаифи летово имаа само една рунда разговори, која беше прекината откако првиот човек на ПСЖ побара 200 милиони евра за да даде зелено светло Мбапе да се пресели во Мадрид. Во Реал Мадрид не сакаат повеќе да трошат време на разговори, па затоа имаат план – на 31 август да испратат понуда во висина од 120 милиони евра, што ќе претставува „земи или остави“ порака до „светците“.

На тој начин, ПСЖ ќе нема никаков простор за маневар, a Ал Келаифи ќе мора експресно да реши – да ја прифати понудата или да се соочи со реалноста – да му исплати на Мбапе уште 100 милиони евра (за плата и бонус за лојалност) и потоа следното лето тој да си замине без никаква отштета за клубот.

Планот се чини добро осмислен, а доколку успее Перез ќе ја исполни големата желба, да ја донесе француската суперѕвезда како предводник на нападот за годините што следат. Воедно, би бил решен и проблемот со недостигот на класичен напаѓач во тимот по летниот трансфер на Карим Бензема во Саудиска Арабија.

Се вчитува...