Во последниот натпревар од 3. коло во Првата македонска фудбалска лига, денеска од 17 часот во Струга, македонскиот шампион Струга ТЛ ја пречекува екипата на АП Брера Струмица.
Во дербито на колото, стружани ќе се обидат да ја оправдаат фаворитската улога против АП Брера која одлично со две победи ја стартуваше новата сезона.
За Струга ТЛ ова ќе биде и „генералка“ пред дуелот со исландски Бреидаблик во четврток во Охрид во плејофот од УЕФА Конференциската лига. Јасно е дека стружани ќе чуваат сили за европскиот дуел, но факт е дека посакуваат и триумф денеска на домашен терен.
Но, со желби за триумф се и струмичани кои сакаат да ја продолжат низата победи.
„Максимално сме подготвени за мечот против Струга ТЛ. Верувам дека можеме до нов позитивен резултат и на ова гостување иако не чека најквалитетниот тим во лигата кој постигна историски резултат досега за својот тим во европските натпреварувања. Блиску се до групната фаза во Конференциската лига, но ние сме максимално подготвени и веруваме во добар резултат“ – вели стрелецот на првиот сезонски гол за АП Брера, Ѓорѓи Јанкулов.
ПРВА ЛИГА – 3. КОЛО (денеска, 17 ч.)
Струга: СТРУГА ТЛ – АП БРЕРА
ВЧЕРА
Штип: БРЕГАЛНИЦА – ГОСТИВАР 2-1
Венегас 10′(п), Роналдо Вебстер 78′ – Селмани 90′
Скопје: РАБОТНИЧКИ – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-0
Велкоски 21′
Скопје: ШКУПИ – СИЛЕКС 1-1
Михал Пинтер 45′ – Ѓорѓиевски 76′
Кавадарци: ТИКВЕШ – ШКЕНДИЈА 1-2
Мојсов 45′ – Чинари 24′, Елези 37′
Охрид: ВОСКА – ВАРДАР 3-2
Јашаровски 26′, 32′, 48′ – Глишиќ 83′, Жоглев 90’+3
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

