Ако некој сметаше дека почетните две победи на АП Брера се случајни и против новите прволигаши (Вардар и Воска), тогаш мислењето ќе се смени после денешниот натпревар од 3. коло во кое тимот од Струмица го совлада актуелниот шампион Струга ТЛ и тоа на негов терен.
Стружани, пак, се решија на овој меч да почнат без ударниот играч во нападот Бесарт Ибраими и без голманот Ведран Ќосевски како и стоперот Сава Радиќ, мислејќи дека лесно ќе се справат со противникот. Меѓутоа така не мислеа струмичани кои победија на тешкиот терен во Струга, и покажаа дека оваа сезона нивните амбиции се сосема различни од оние минатата сезона.
Прво полувреме целосна доминација на Брера. Покрај голот на Ване Крстевски, Брера имаше уште најмалку две супер шанси за поубедливо водство. Од Струга целосно разочарување, очигледно дека многу недостасуваше Ибраими. Крстевски го постигна голот после една грешка на стружани на средината на теренот и одлична акција по која Крстевски го совлада Мирселоски.
Во вториот дел со влегувањето на Ибраими, сосема поразлична слика. Струга ТЛ веднаш нападна, и по една одбиена топка токму Ибраими го израмни резултатот.
И кога се чинеше дека Струга ТЛ ќе тргне по пресврт, се случи шок на спротивната страна. Изведен корнер, по кој највисоко скокна Марио Врдољак, кој со глава го совлада Мирселоски.
До крајот на мечот се истакна и Алчевски со неколку добри одбрани, и успеа да ја сочува својата мрежа за голема победа на Брера и цврсто прво место на табелата со максимални девет бодови, со напомена дека Шкендија има натпревар помалку, а тетовци досега имаат две победи од два меча.
Инаку, голем хендикеп за Струга ТЛ е и повредата на Марјан Радески, кој беше изнесен на носилки од теренот. Дополнително ќе се утврдува тежината на неговата повреда.
ПМФЛ, 3. КОЛО
СТРУГА ТЛ – АП БРЕРА 1-2 (Ибраими 53′ – Крстевски 26′, Врдољак 71′)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

