Пелистер прави силен тим: Договорени пет македонски кошаркари, на ред се странците

Кошаркарскиот клуб Пелистер активно работеше на потписи со играчи за новата натпреварувачка сезона, па битолчани веќе постигнаа целосен договор со петмина кошаркари кои ќе ги бранат боите на клубот во 2023/24.

Репрезентативец Андреј Маслинко одби неколку понуди од странство, но и од Македонија и реши да остане во Битола по одличната полусезона што ја имаше под водство на тренерот Илиевски. Крилниот центар потпиша нов договор со „пелистерци“ и се очекува да биде важен играч во новата сезона на својот тим. Од актуелниот играчки кадар во тимот ќе остане и Сапунџиев, кој вообичаено влегуваше од клупата за резерви, стручниот штаб беше задоволен од исполнувањето на задачите, па експресно беше договорено соработката да продолжи уште една година.

Долгогодишниот македонски репрезентативец Александар Костоски ќе биде нов плејмејкер на актуелниот вицепрвак на Македонија. Искусниот организатор на играта реши да си замине од ТФТ и ја прифати понудата да го облече дресот на „пелистерци“. Тој ќе го заземе местото на Бобан Стајиќ, кој го комплетираше трансферот во Работнички.

Лука Стојановски е кошаркар кој треба да донесе брзина во играта, но и агресивност во одбраната. Поранешниот младински репрезентативец најдобрите игри ги прикажуваше во Академија ФМП додека тренер на овој тим беше Александар Петровиќ, потоа замина во Еуро Никел, каде незгодната повреда го спречи да продолжи во ист ритам.

Квинтетот домашни играчи со договори со Пелистер го заокружува Амар Хот, младинскиот репрезентативец на Македонија кој важи за огромен борец во битката под обрачите. Тој доаѓа од редовите на Феникс, тим со кој минатата сезона стигна до финалето од Купот на Македонија.

Се очекува фокусот на битолчани сега да се насочи кон ангажман на квалитетни странски засилувања, а останатите места во тимот ќе бидат пополнети со млади и перспективни домашни играчи што дополнително ќе бидат потпишани.

Се вчитува...