Стојан Ѓуроски е следниот на листата за потпис со Работнички

Актуелниот репрезентативец на Македонија, Стојан Ѓуроски, во следните неколку дена би требало да ја официјализира соработката со тимот на Работнички, како најновото засилување на „центарци“ во обид да биде составен тим за атак на трофеи.

Работнички вчера го официјализираше трансферот на Бобан Стајиќ од Пелистер, а уште пред извесно време начелно се договорени и трансферите на Ѓуроски и на Виктор Ефремовски. Крилниот кошаркар во минатото настапуваше за МЗТ Скопје, Блокотехна и Пелистер, а по една година мината во втората шпанска лига се враќа назад во мак-баскетот.

„Центарци“ веќе подолго време се во потрага и по странски засилувања, од кои досега официјално е потпишан само центарот Рикиќ, исто така поранешен играч на МЗТ Скопје. Од ланскиот ростер нов договор потпиша и Џелетовиќ, а во завршна фаза се преговорите со двајца американски кошаркари кои би му се ставиле на располагање на тренерот Мираковски.

Се вчитува...