Меси: Во Париз заборавив да уживам во фудбалот, а тоа ми е најважно од се

Лионел Меси ужива во рајот во Мајами откако имаше извонреден старт на авантурата во американскиот клуб Интер Мајами, по само еден месец стигнувајќи и до трофеј во лига-купот на САД.

Аргентинецот летово беше слободен играч, на маса имаше пребогата понуда од Саудиска Арабија, но на крајот ја одби за да се пресели во САД, избор што од сегашна перспектива е максимално исправен.

„Тоа беше семејна одлука. Зад нас беа две тешки години, преселбата во САД беше како да ни се враќа чувството кога живеевме во Барселона, уживаме во секој ден во Мајами, моите деца се среќни, а тоа ме прави мене многу исполнет“, изјави Меси.

Аргентинскиот фенијалец не крие дека е разочаран од се што се случуваше во периодот додека го носеше дресот на ПСЖ.

„Тоа беа две тешки години, период во кој го заборавив чувството, како е да се ужива додека се игра фудбал. За мене играњето фудбал секогаш било максимално уживање, за жал се се промени кога се преселив во Париз. Најсреќен период од овие две години ми беше кога заминував да играм за репрезентацијата. Кога дојдов во Мајами ми се врати и среќата, повторно уживам како што тоа го правам цел живот на терените ширум светот“, истакна Лионел Меси.

Се вчитува...