Официјално: Ливаковиќ си замина од Динамо Загреб и потпиша за Фенербахче

Динамо Загреб вечерва ја пречекува Спарта Прага во квалификациите за Лигата на Европа, но хрватскиот првак во тимот ќе го нема првиот голман Доминик Ливаковиќ, кој утрово полета за Истанбул за да го комплетира трансферот во Фенербахче. Турскиот гигант утрово официјално потврди дека Хрватот ќе пристигне во Истанбул и по деталните прегледи ќе го стави својот потпис на договорот со „сино-жолтите“.

Хрватскиот репрезентативен голман воопшто не тренираше синоќа, што беше најава за забрзување на трансферот на што Турците инсистираа за тој да може викендов да застане на голот на Фенер. Финансиските детали се веќе договорени, па Ливаковиќ ќе треба денеска да ги мине лекарските прегледи, по што и официјално ќе го потпише договорот и се очекува да биде претставен пред навивачите за време на дуелот со Твенте закажан за вечерва.

Со заминувањето на одличниот чувар на мрежата продолжува егзодусот на најдобрите фудбалери на Динамо Загреб. Шутало веќе е продаден во Ајакс, а договорен е и трансферот на Иванушец во Феенорд, кој ќе биде комплетиран по дуелот на Динамо со Спарта Прага. По Ливаковиќ се очекува во Турција да се пресели и голгетерот Бруно Петковиќ, кој се наоѓа пред потпис со Трабзонспор.

Се вчитува...