Прес-конференција на најтрофејниот клуб: Вардар мора да живее, го градиме тимот на долг рок

Фудбалскиот клуб Вардар денеска одржа прес-конференција на која ги соопшти идните планови на екипата. Во тимот се врати Александар Васоски како тренер, и Ѓоко Хаџиевски како спортски директор. Вчера со оваа структура, тимот го освои и првиот бод во новото првенство.

Миле Миленковски, кој е во раководните структури на клубот, кажа дека се прави моментално тимот за да функционира на долг рок. Тој рече дека ќе бара од Град Скопје и скопските општини да биде внесен Вардар во статут.

„Вардар не треба да зависи од политички гарнитура и треба да живее секогаш. Ќе побараме и од Град Скопје и од скопските општини да биде Вардар внесевен во статут. Подготвени сме да го предадеме клубот на институциите, но и на оние големи компании кои ќе пронајдат интерес да влезат во ФК Вардар и да се формира еден Управен одбор кој ќе гарантира успеси. Вардар го градиме на долг рок“, рече Миленковски.

Тренерот Александар Васоски кажа дека тој и стручниот штаб ќе се обидат да освојат што повеќе бодови во текот на првенството, а вчера екипата го освои првиот и засега единствен бод после четири кола.

„Моја одговорност е да помогнам кога е најтешко. За жал не беше издржливо да се работи после таа освоена титула пред неколку години, и сега се враќам и се надевам дека Вардар ќе заплива во помирни води. За жал не го добивме натпреварот со Силекс, но освоен е бод после три порази. Ќе гледаме да се издигнеме, нема време за ништо, ако успееме да донесеме уште некој фудбалер добро, јас сум среќен што работам со овие момци, и сите заедно ќе помогнеме за подобар пласман на табелата до крајот на есенскиот дел, а потоа ќе видиме што ќе биде“, изјави Васоски.

На прес-конференцијата беше истакнато дека се консолидира и младинската школа на Вардар, која ќе биде предводена од Бобан Бабунски и Марјан Геасимовски. Сите младински категории ќе тренираат на теренот до СЦ Јане Сандански во Аеродром, а името на фудбалската школа го врати и името Кирил Симоновски – Џина.

Исто така на прес-конференцијата беше кажано дека се води институционална борба да се врати помошното игралиште до Националната Арена, некогашното игралиште на кое тренираше Вардар.

Се вчитува...