Струга ТЛ е поразена во првиот натпрвар од плеј-офот во Лигата на Конференции. Исландскиот тим Бреидаблик триумфираше среќно на теренот во Охрид, и со минимална предност ќе го дочека реваншот во Исланд. Стружани може да жалат затоа што имаа шанси и при 0-0, им беше поништен и гол, а во вториот дел можеа да дојдат до израмнување, но едноставно топката не сакаше во гол. Спасуваше и гостинскиот голман, спасуваше и пречката, одбраната, шутираа фудбалерите на Струга ТЛ и покрај голот, и на крајот Исланѓаните си заминуваат со „чиста“ мрежа.
Доста интересно и динамично беше во текот на натпреварот. Во првиот дел се тресеа и стативите, и мрежите, за на крајот водство да имаат гостите. Најпрво Бреидаблик ја погоди стативата преку Олсен, па со иста мера врати и Ибраими.
Тоа како да делуваше шокантно за стружани кои во 35. минута не успеаја да го сопрат налетот на Гунлаугсон, кој се „прошета“ низ одбраната на Струга ТЛ, и шутираше прецизно во мрежата на Ќосевски, за предност по првиот дел.
Struga 0-[1] Breiðablik – Höskuldur Gunnlaugsson 35′ (Nice Goal)
by u/atbg1936 in soccer
Силниот ветер кој дуваше во текот на целиот меч им правеше проблеми на двата тима. Струга ТЛ во второто полувреме тргна по израмнување. Меѓутоа топката не заврши во мрежата, а беше погодена и пречката. Голманот на Бреидаблик Елнарсон одбрани неколку тешки удари, а неколку топки „профучеа“ и покрај голот.
На крајот во 91. минута Струга ТЛ остана и без Згуро кој доби црвен картон (втор жолт) и македонскиот првак без него ќе патува на реваншот во Исланд. Во 28. минута радост на Струга ТЛ по голот на Шабани, но реагираше ВАР и го поништи голот поради прекршок над голманот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА